Попоски нема амбиција да го наследи Груевски, на новиот министер му порачува „ништо“
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се збогува од министерската функција.
Тој на прес конференција за медиумите говореше за успесите во двата мандати, потенцирајќи го справувањето со мигрантската криза, воведувањето безвизен режим со повеќе земји, како и, според него, успешната економска промоција на земјава во странство.
Овој список на пофалби сепак го прекинаа новинарите кои го потсетија министерот дека проблемот со името се уште не е решен, а ниту пак Македонија не влегла во ЕУ и НАТО.
Во однос на спорот со името, според Попоски е направен сериозен исчекор во односите меѓу двете земји и дека по ова прашање не смее да се прави ништо на штета на националните интереси.
Министерот во заминување вели дека исклучиво од земјите членки зависи кога земјата ќе стане дел од ЕУ и препорачува дека би било добро Унијата да даде некаква временска рамка во која би се дале, како што вели, контури на тоа кои се критериумите, оти како што додава, критериумите станале растеглива категорија со текот на годините.
Попоски ги демантираше шпекулациите во јавноста и рече дека нема амбиции да го замени актулениот лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и дека ќе остане пратеник, во редовите на новата опозиција.
Извесно е дека местото министер за надворешни сега ќе го преземе Никола Димитров.
Попоски на својот наследник не му порача ништо, коментирајќи само дека секој кој носи одговорна функција во државата има исклучително тешка задача.
