ПОПЛАКИ: Вработените велат дека Иљази продолжува со хаосот на Токсикологија
Вработените на Токсикологија тврдат дека директорката Бесија Иљази продолжува со хаосот на клиниката.
Потпишан годишен одмор за вработени со договор на дело, исплата на плати на 18 лица на кои им е продолжен договорот спротивно на насоките на надлежните институции, распоред за дежурства на медицинските сестри кој фаворизира дел од вработените и пропуст во дежурствата поради кој Клиниката ќе остане без болничар во ноќните часови односно третата смена.
Ова се дел од проблемите посочени во писмото кое денеска вработените во Клиниката за Токискологија го испратија до медиумите. Тие ја обвинуваат организационата директорка Иљази дека продолжува со лошото менаџирање поради кое Клиниката тоне во хаос.
„На распоредот за дежурства на медицински сестри, сите медицински сестри со договор на дело се ставени со работни задачи само во дневните смени, што е еклатантен доказ дека реално нема никаква потреба од истите, бидејќи работниот процес 24/7 се одвива и без нивното присуство. Со дезорганизацијата која ја направи организационата директорка половина месец, Клиниката ќе биде без болничар во ноќните часови, кога фреквенцијата е најголема“, се наведува во писмото.
Од Клиниката демантираат дека некој вработените со договор на дело користи годишен одмор.
„Медицинските сестри се распоредени во прва и втора смена. Клиниката има болничар кој дежура во ноќна смена“, соопштуваат од Токсикологија.
Според наводите во писмото и лицето кое јавно призна дека барал од колега да фалсификува извештај од анализа бидејќи во неа имало трагови од дрога покрај тоа што му е продолжен договорот на дело Иљази му потпишала и решение за годишен одмор кое законски не следува на лице ангажирано со тој тип на договор.
