ПОНИШТИВМЕ 99 МАРКИЦИ ЗА ГРАДБА ВО РАСАДНИК: Ѓорѓиевски вели дека најголем проблем во Кисела Вода било дивеењетo на урбаната мафија
Морам да истакнам паралелите до пред година и половина, кога немавме централна власт и потоа, од изминатите 14 месеци, откако претседателот Мицкоски е на чело на владата. Ние претходно имавме затворен однос, тоа претпоставувам не е само мое искуство. Ние не бевме никогаш оние кои беа ислушани, ниту пак некој ни подаде рака. Различна е целосно состојбата откако се промени централната власт, рече Орце Ѓорѓиевски на настанот на ВМРО-ДПМНЕ наречен „саем-отчет“, на кој градоначалниците од партијата даваат отчет за сработеното.
Вели дека бил меѓу првите градоначалници кој спровел меѓународен конкурс, за идејно решение за деталниот урбанистички план за Расадник.
„Она што претставуваше горлив проблем во минатото, беше креирањето на урбанизмот во Општината и дивеењето на урбаната мафија. Поништивме 99 маркици за градба во Расадник. Со тоа помогнавме сериозно во Општина Кисела Вода и на Градот Скопје. Многу е важно да се остане истраен и да верувате во луѓето кои се ваши соработници, дека секој предизвик, со доволно силен ангажман и доволна поддршка од владата, може да се промени“, посочи Ѓорѓиевски.
Кажа и дека направиле голема патна инфраструктура, но и подземна инфраструктура.
„Седумдесет километри патна инфраструктура имаме за четири години во Кисела Вода. Улици кои не беа реконструирани од пред земјотресот, ја имавме честа и задоволството пред граѓаните кои беа триесетина години излажани, да ги обновиме тие улици, да создадеме модерна, современа патна инфраструктура, но и сите населени места да бидат обезбедени со подземна инфраструктура, тоа подразбира водоводна и одводна инфраструктура. Населба Стаклара е последното населено место, каде сме во фаза на избор на изведувач, со поддршка на Владата да обезбедиме нова водоводна мрежа и со тоа го завршуваме циклусот на инвестиции во подземна инфраструктура“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, се решил и проблемот со листата на чекање за запишување на деца во градинките.
„Еден од најгорливите проблеми во Кисела Вода, особено за младите брачни парови беше недостатокот на места во градинките. Ние практично ја наследивме општината со над 450 дечиња на листите на чекање. Тој што ќе ја наследи општината после мене, ќе воведе целосно едносменска работа на основните училишта“, вели Ѓорѓиевски.
