Пониква ќе прерасне во рехабилитациски центар за повредените од трагедијата во Кочани
Планинскиот центар Пониква ќе биде подготвен за прием на
повредените од трагедијата во Кочани до крајот на неделата и ќе функционира
како рехабилитациски центар во кој рехабилитацијата ќе се одвива во групи и ќе
трае по две недели – беше истакнато на денешната владина прес-конференција.
Пресот го одржаа владината портпаролка Дарка Митева, д-р Катерина Мирчовска – новата директорка на Општата болница во Кочани, и д-р Гордана Георгиева – членка на работната група за евалуација на повредените.
– Сакам да ја информирам јавноста дека одморалиштето во Пониква технички ќе биде готово со минимални корекции до крајот на оваа недела, а оперативниот план за рехабилитација е веќе во завршна фаза. Засега е заземен став дека рехабилитацијата ќе се врши по групи, во циклуси од по две недели – нагласи Митева.
Таа посочи дека Владата останува доследна на транспарентниот пристап и дека телефонската линија што беше отворена за погодените веќе дава резултати.
– До овој момент, Канцеларијата на Претседателот на Владата оствари контакт со 109 лица кои ги споделија своите предлози и барања. Најголемиот дел од нив се однесуваат на здравствени дополнувања и неопходни потреби – рече портпаролката Митева.
Таа ги охрабри сите кои се чувствуваат засегнати да продолжат да се обраќаат и да го споделуваат своето искуство, уверувајќи дека секој глас е важен и слушнат.
– Овие чекори за нас не се само административна постапка. Ова е наша обврска – истакна Митева. – Да го вратиме достоинството на секој човек, без политика, без сензационализам, со вистина и со грижа.
