ПОМЛАДИ И ВИТАЛНИ ПЕНЗИОНЕРКИ ЧУВААТ ПОСТАРИ И НЕМОЌНИ ПЕНЗИОНЕРИ: Оваа појава зема замав во Македонија
Во земјава многу помлади и витални пензионерки чуваат постари луѓе, кои се изнемоштени и кои не можат самостојно да функционираат. Овие жени велат дека сакаат да си го исполнат времето, но и да заработат, затоа што пензиите генерално се ниски. Негувателки за стари и болни лица се бараат секаде низ Македонија, во секоја општина.
„Имам чувано постари жени од мене. Од 70 година па нагоре беа жените. Има жени кои се пензионерки, а чуваат постари жени од нив. Имам слушнато за доста такви примери во градот. Има различни случаеви, дури и по 24 часа негувателките седат со старите и болни лица. Секој се бори во животот да направи нешто, да створи. Младите не се нафаќаат да чуваат стари лица. Јас не гледам причина зошто не би прифатила некоја млада жена да го работи тоа, но младите си живеат во некој свој свет, со некои свои замисли“, вели охриѓанка.
Оние кои се на возраст од 62, 63 години и се во добра кондиција, објаснуваат дека без проблем ги обавуваат потребните обврски.
„Јас имам 63 години, а чувам жена од 77 години. Сум чувала жени над 70 години. Ич не ми е мака, задоволство ми е. Го работам ова како што си правам мусака дома на пример. Курс не сум завршила, ама сакам да работам, и да извадам некој денар плус. Да замесам, да зготвам, да измијам садови, да сменам постелнина. Обврска ми е само старото лице. Младите нема шанси да се нафатат за оваа работа“, вели Зорица П. која чува постаро лице.
Во групите на социјалните мрежи, има и млади луѓе кои се во странство и бараат негувателка која би се грижела за нивните родители. Се договараат за фиксна сума, плата, или за надомест по час.
„Јас сум пензионерка, чувам и деца и пензионерки, но да се подвижни, тоа е условот. Чувам луѓе што се по 80 години и повеќе, ама се подвижни. Им треба помош, да се направи ручек, два или трипати неделно, да се зачисти. Зависи, некој бара помош секој ден. Зависи што бараат домаќините. Има луѓе што бараат работа за да си исполнат време, но и поради ниски пензии. Како што дома си чистам, си правам ручек, така и кај домаќините. Јас сум витална жена, не ми е тешко“, вели Тана, пензионерка.
Дел од општините преку проекти нудат помош за старите и осамени лица. Во Македонија, статистичките податоци покажуваат дека населението забрзано старее.
Според пописот од 2021 година, населени места со најмногу младо население на возраст од 0 до 14 години се: Чаир, Аеродром и градовите Куманово и Тетово, а со старо население на возраст од 85 и повеќе години се: скопски Карпош и Центар и градовите Битола, Прилеп, Велес, Охрид. Според податоците од пописот, од 2002 до 2021 година бројот на работоспособно население се намалил за 171.317 жители, или 12,4 отсто, додека бројот на старо население над 65 години возраст, се зголемил за 17,2 отсто или за 101.619 луѓе. Инаку, сместувањето во државните домови за стари лица поскапе за 100 евра.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
