Помалку чекање на Евзони? Грција најавува промени на контролите
Грција најавува мерки за намалување на гужвите на копнените гранични премини, во период кога се очекува засилен сообраќај поради летната туристичка сезона.
Во фокусот е граничниот премин Евзони, кој е еден од најкористените премини за граѓаните од Македонија што патуваат кон Солун, Халкидики и другите туристички места во северна Грција.
Заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, надлежен за регионите Македонија и Тракија, Константинос Гиулекас, најави дека се разгледуваат привремени решенија со кои би се олеснило преминувањето на границата.
Една од мерките е поставување модуларни контролни пунктови на Евзони, со што една сообраќајна лента би се проширила во две. Целта е да се овозможи побрза обработка на патниците и да се намали времето на чекање.
Гиулекас посочи дека просторот на преминот има ограничена флексибилност и дека трајното решение зависи од модернизацијата на инфраструктурата, која се спроведува во фази.
До целосното уредување на преминот, грчките власти ќе користат привремени технички решенија и дополнителна организација на контролите, особено во деновите кога се очекуваат најголеми колони.
Во однос на биометриските проверки, грчкиот функционер истакна дека европските правила дозволуваат привремено и делумно суспендирање на нивната примена во периоди на зголемен сообраќај.
Таквата можност, според грчките власти, веќе се користи кога има потреба да се обезбеди нормален проток на патници и возила.
