Економија, финансии, бизнис

Контакт

Половина милион евра ќар за Топлификација

Половина милион евра ќар за Топлификација
Топлификација го објави консолидираниот биланс на успех за првите девет месеци од годинава, во кои се остварени за 30% поголеми приходи од продажба од истиот период лани и зголемена добивка за 6,7%. Според извештајот,  Топлификација остварила вкупни приходи од 1,8 милијарди денари. Тие се целосно од домашниот пазар. Иако бруто добивката на Топлификација е зголемена за 21%, а оперативната за 15%, сепак на крај има помала нето добивка, која изнесува 34,8 милиони денари(565 илјади евра). Ова се должи на тоа што трошоците на компанијата за продажба се зголемени за 32%, најмногу за набавка на суровини. Зголемени се и финансиските расходи, како и оперативните за 19%. Овие резултати на Скопска топлификација се остварени во услови на зголемени цени на парното греење за 10,73% од 1 јануари годинава. Од 1 август Топлификација почна да наплаќа за уште 3,15% повисоки цени за топлинска енергија. Резултатите пак во неконсолидираниот биланс на успех на Топлификација за првите девет месеци покажуваат загуба од 69, 4 милиони денари, но објаснувањето од Топлификација е дека компанијата врши дејност само во зимскиот период кога и се фактурира услугата. “Фиксните трошоци за дејноста производство, дел се фактурираат со фактурите од јануари до април, а дел со фактурите од октомври до декември.При таквиот распоред на фактурирање на фиксните трошоци нормално е во периодот од јули до септември да се појават негативни финансиски резултати кои ќе се покријат со фактурите за периодот октомври-декември“, се вели во соопштението од Топлификација.
Слично

Поврзани вести