ПОЛИТИКО ЕВРОПА: Пораката на оние кои се одлучиле да бојкотираат не е јасна
Весникот Политико Европа, кој е влијателен во високите дипломатски и одлучувачки сфери во Европската Унија во својот уреднички коментар утрово го анализира исходот од вчерашниот референдум во Македонија.
Авторот, Флориан Едер, пишува дека неизлезноста претставува ризик за Договорот со Грција за името и вели дека пораката на оние кои се одлучиле да бојкотираат не е јасна.
Прашува кој знае што сакаа да кажат оние кои не излегоа да гласаат.
„Но, ако Парламентот оцени дека непостигнувањето на цензусот од 50 отсто е покана да се каже „не“, тогаш последиците се прилично непосредни: светот ќе продолжи да ѝ се обраќа на земјата со акронимот и таа нема да му се придружи на НАТО наскоро, а не, пак, да започне преговори со ЕУ. Но „ФИРОМјаните“ среќно ќе продолжат да се нарекуваат „Македонци“ – пишува Едер во својот коментар.
Политико Европа потсетува дека ставот на Брисел е дека треба да се усвои договорот со Грција во Собранието, во интерес на земјата, како и на целиот регион.
Jа пренесуваат изјавата на премиерот Зоран Заев кој вели дека подобар договор со Грција нема да има и дека ова е важно за влез во ЕУ и НАТО.
Весникот пренесува изјави на граѓани кои велат дека не сакаат да гледаат како младите да ја напуштаат земјата.
