Економија, финансии, бизнис

Контакт

Политичарите го честитаат Велигден, посакуваат просперитет и благосостојба

Политичарите го честитаат Велигден, посакуваат просперитет и благосостојба

Политичарите го честитаат големиот празник Велигден на верниците.

Премиерот Димитар Ковачевски, упати писмо со честитки за најголемиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден, до поглаварот на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан, како и до Светиот архиерејски Синод, свештенството и монаштвото на МПЦ- ОА и до сите верници кои денеска го чествуваат празникот.

„Победата на животот над смртта што ја симболизира Велигден, е силна порака за успехот на храбрите одлуки, кога се носат со искрена верба во заедничкото добро. Во овие времиња на војна на европскиот континент и на светска економска и енергетска криза, повеќе од потребна е обновата на гласот на совеста кај секого и издигнување над лични интереси, со цел заедно да ги осигураме просперитетот и перспективите на сегашните и идните генерации. Како што покажува и овој празник, исправниот пат ја искушува вербата, за да ја зацврсти волјата со којашто единствено можно да се постигнат колективниот мир и благосостојба. Честит и вековит да е празникот на Христовото Воскресение - Велигден!“, напиша во писмото до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и сите православни верници, и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев и припадниците на Евангелско – методистичката црква во државата.

„Имам особено задоволство и чест да ви го честитам најголемиот христијански празник –Велигден и да ви посакам празничните денови да ги поминете во радост и среќа, исполнети со хармонија и добра мисла. Празникот на христовата победа над смртта има посебно место во срцето на секој христијанин и инспирира вера, надеж и љубов. Посакувам овие празнични денови да се посветиме на најблиските и да даруваме насмевки, ведрина и оптимизам. Заедно да придонесеме за просперитетот, напредокот и благосостојбата на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе добра мисла, оптимизам и инспирација за правење добри дела и помагање на сите на кои им потребна помош и поддршка без разлика на религиската или етничката припадност. Да внесеме светлина и топлина во нашите животи осмислувајќи ги и спротивставувајќи се на сите кризи, проблеми и искушенија“, наведува Пендаровски. 

Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски посака мир, среќа, хармонија. 

„Овој ден ја испраќа пораката на мирот, на љубовта, на простувањето. Бидејќи Христос од Крстот им прости на сите што злодела направија и создаде нов свет.

Да се биде христијанин значи да се биде воден од љубовта. Со Божјо милосрдие да ја замениме сопствената немоќ со Христовата сила. А, токму таа сила се гледа во Воскресението Христово – како порака на неисцрпна љубов. Оти, Христос е Љубов.
Нека и овој пат Христовиот триумф – љубовта – биде неизбришливо втисната во нашите срца“, вели Спасовски. 

Честитка упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

„Ви посакувам безброј мигови на среќа, на спокој и на љубов за вас и вашите семејства. Благодат за секој еден од нас која произлегува од радоста на Христовото Воскресение кое пак, еве веќе два милениума претставува најмаркантниот настан во историјата на човештвото, но и сведок за неизбежноста на победата на доброто врз злото“, се вели меѓудругото во велигденската честитка од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Вели дека живееме во време на неправди и на тоа треба да ставиме крај. 

Слично

Поврзани вести