ПОЛИТИЧАРИТЕ ГО ЧЕСТИТААТ КАТОЛИЧКИ ВЕЛИГДЕН: Посакаа здравје и среќа на верниците
Политичарите го честитаат католичкиот Велигден.
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
„Дозволете ми на сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар да им го честитам најголемиот христијански празник со поздравот – Христос воскресна!
Во овој поздрав е сублимирана сржта на христијанската вера дека Бог во Исус Христос целосно се поистовети со страдањата на луѓето, ја плати цената за отуѓеноста на човештвото и со тоа започна да го обновува светот.
Иако не е лесно да се препознаат во време на кризи и на конфликти, сепак, контурите на оваа обнова се исцртани со секој чин на солидарност кон најранливите меѓу нас. Обновата е присутна во спротивставувањето на структурните причини за сиромаштијата, нееднаквоста и неправдата, во заложбите за мир, социјална правда и заштита на природата. Овие индивидуални и заеднички подвизи се слика за тоа какво може да ни биде општеството доколку добрината стане наша врвна вредност.
Нека овој празник нѐ поттикне, следејќи го Христовиот пример, активно да учествуваме во изградбата на праведно и хумано македонско општество со јасни морални вертикали, а со тоа и во обновата на надежта“, се вели во честитката на Пендаровски.
Празникот го честиташе и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.„Овој празник е симбол на надежта и новиот почеток, ден кога ја славиме победата на животот над смртта и победата на доброто над злото. Ова е празникот на верата во Бога и славата на Бога. Како што нашиот Спасител покажа дека мирот и светлината може да ги победи страданието и темнината, така секој од нас може и мора да се бори за правдата, добродетелството и љубовта. Овие универзални вредности се патот по кој што треба да чекори секој човек за да го направи светот, својата земја и својот живот подобар и богоугоден. Живееме во времиња на искушенија и предизвици, но Бог живее во нашите срца и тој може да ни помогне да ги направиме правите избори на крстосниците пред кои секојдневно сме исправени“, вели Мицкоски.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, упати честитка по повод големиот христијански празник Велигден до бискупот скопски и епископ струмичко – скопски, Монсињор д-р Киро Стојанов и до сите католички верници.
„Дозволете ми од името на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од свое лично име Вам и на сите христијани од католичка вероисповед да Ви испратам искрени честитки по повод големиот христијански празник – Велигден. Овие денови на празнување нека донесат спокој и љубов во секој дом, во секое срце“, честита Митрески.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, упати телеграма со честитки до Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, до свештенството и монаштвото на Католичката црква во Република Македонија, до граѓаните од католичка вероисповед и до сите граѓани кои денеска го празнуваат Воскресението Христово – Велигден.
„Како и сите големи празници, и Велигден е извор на духовна сила на луѓето за надминување на предизвиците кои ги носи животот со трпение и мудрост. Тоа е и мотив за вербата дека личното добро и благосостојбата се можни само како дел од заедничкото добро и благосостојба. Убеден сум дека празничниот дух Ве охрабрува и Вас во Вашата благородна мисија на водење на припадниците на католичката вероисповед во секој нивни чекор по исправниот пат на меѓусебно почитување и разбирање, по којшто, уверен сум дека заедно продолжуваме и во иднина“, пишува тој.
Им посака мир и благодат на верниците.
