Економија, финансии, бизнис

Контакт

Политичарите го честитаа Велигден на католиците

Политичарите го честитаа Велигден на католиците

Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Традиционално во државава централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше Воскресна света литургија.

Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски, Киро Стојанов им го честиташе празникот на католичките верници и ја прочита воскресната проповед.

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

„Ја користам оваа можност пред сè да Ви посакам добро здравје, мир, хармонија и среќа. Нека светлината на овој празник се всели во срцата и во домовите на сите верници, исполнувајќи ги со верба и со надеж за истрајување во сите искушенија и предизвици. Повеќе од една година целото човештво се соочува со пандемијата со Ковид-19 која предизвикува страв и вознемиреност. Нашето секојдневие е променето и долгиот период на неспокој и на социјално дистанцирање остава дополнителни последици. Да не дозволиме да нè надвладеат апатијата и малодушноста, и да го зачуваме оптимизмот и да ја негуваме духовноста. Токму Велигден е празникот на надежта, кој ги слави животот и Христовата победа над смртта. Се надевам дека и годинава овој голем празник ќе биде инспирација да се издигнеме над сите премрежија и неволји. Сплотени, солидарни и одговорни да ги надминеме страдањето и стравот, и да излеземе како победници во борбата со подмолниот вирус“, вели Пендаровски. 

Премиерот Зоран Заев во негово и во име на Владата на Република Северна Македонија, на сите верници на Католичката црква и на сите верници од протестантските деноминации во нашата земја коишто денеска го празнуваат, им го честита големиот христијански празник – Велигден.

„Во период кога целиот свет се соочува со тешки искушенија, и годинава еден од најсветлите празници го славиме со ограничувањата кои ги донесе пандемијата од КОВИД-19. На празникот посветен на спасението и на новиот живот, да се потсетиме на потребата да бидеме достојни верници и чесни луѓе, и низ нашата скромност да понесеме саможртва за доброто на сите, заштитувајќи се себеси и здравјето на ближните. Токму светлината на овој празник во овие драматични мигови за човештвото, нè поттикнува да се преиспитаме, да создаваме добри дела и да покажеме разбирање еден со друг, да бидеме љубезни во кругот на нашите семејства, помеѓу соседите и пријателите и севкупно во нашата држава“, наведува Заев. 

И генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски упати честитка до сите верници од католичка вероисповест како и до сите граѓани кои го слават големиот христијански празник Воскресение Христово-Велигден, според Грегоријанскиот календар. Им посака мир, здравје и среќа.

фото МИА

Слично

Поврзани вести