Политичарите го честитаа Денот на Власите и го пофалија нивниот придонес за државата
Премиерот Христијан Мицкоски, упати официјална честитка по повод 23 Мај – Меѓународен ден на Власите, со желби за мир, здравје, благосостојба и спокој во нивните домови.
Мицкоски стави посебен акцент на историската улога и културниот придонес на оваа заедница во земјава. Тој нагласи дека влашката култура, традиција и обичаи претставуваат силен и препознатлив белег во севкупниот развој на државата.
Премиерот во честитката повика на заеднички ангажман на сите граѓани за унапредување на општествените вредности и економскиот напредок.
„Единството, толеранцијата, разбирањето се вредности со кои мора сите заеднички да се стремиме и да ги негуваме, затоа што само така ќе изградиме општество кое ќе се базира на меѓусебна почит и доверба“, порачува Мицкоски.
Како клучна цел на извршната власт, тој го посочи создавањето на подобри услови за живот кои ќе ги задржат младите генерации во земјава.
„Заеднички да работиме за просперитет и раст на Македонија, за сегашните и идните генерации да имаат услови да ја градат сопствената иднина тука, во својата татковина. Нека Ви е честит Националниот ден на Власите“, се наведува на крајот од честитката на премиерот.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на влашката заедница по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, истакнувајќи го нивниот историски, културен и општествен придонес во државата.
Во честитката, Сиљановска-Давкова наведува дека Власите припаѓаат на древна духовна лоза на балкански народи, чиј опстанок низ историјата бил зачуван преку јазикот, традицијата и свеста за сопствениот идентитет.
„Во влашкиот јазик, традиција и култура се вткаени вековната истрајност, силното чувство на припадност и духовното достоинство“, се наведува во честитката, при што претседателката посочува дека влашкиот народ успеал да го зачува својот национален интегритет и дигнитет и во тешки времиња исполнети со војни, страдања и преселби“, вели таа.Таа нагласува дека државата треба да се гордее што е единствена во која Власите се уставен етнички ентитет, рамноправен со другите заедници и еднаков во уживањето на индивидуалните и колективните права.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска упати официјална честитка по повод 23 Мај – Меѓународен ден на Власите.
Во своето празнично обраќање, собранискиот спикер нагласи дека влашката заедница отсекогаш имала значајно место во државата.
Гаши потенцираше дека овој ден е важна можност за дополнително афирмирање на соживотот, почитта и зачувувањето на идентитетот.
