Политичарите го честитаа Бадник
Политичарите го честитаа Бадник на верниците.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитка по повод празникот Рождество Христово Божиќ.
„Дозволете ми од мое лично име, и од име на ВМРО-ДПМНЕ да го честитам најголемиот христијански празник Рождеството Христово – Божиќ, тоа е денот кога започнува спасението, зошто да не беше Божиќ, немаше да го имаме Велигден, а со тоа и Воскресението и Божјото спасение за луѓето. Во мигови како овој важно е да бидеме сплотени, со чесна мисла, и со добри дела, само така ќе имаме мир и спокој во душите, но и во рамките на нашите можности ќе го менуваме општеството на подобро. На трпезите оваа година за жал ќе имаме една горчина поради се поголемата економска криза и немаштија и тоа се работите кои човека го оставаат нерамнодушен, но и треба да се голем поттик за работите да ги менуваме, а ќе ги менуваме заедно, со верба, надеж, знаење и мотив за иднина каква ја заслужува секој еден човек. Затоа сплотени и со верба во Бога да работиме за подобро, да создадеме услови кои ќе значат поттик и ослободување на интелектуалната сила и креација на секој еден човек, да ја ставиме на располагање секој движечка сила во функција на заедничкиот развој и промени кои ќе донесат иднина.Нека Христос ви подари мир и спокој, да ве води низ животот и да биде вашата сила, за хармонија, развој вам и на вашите семејства. Христос се роди“, пишува тој.
Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски, го честита Бадник и на граѓаните им посакува добро здравје, радост во срцата и благосостојба во нивните домови.
„Бадник е предвесник на Христовото раѓање, денот на надежта и оптимизмот, посакувам да го дочекаме сите во слога, спокој, семеен мир и радост. Нека е за многу години Бадник“, напиша Ковачевски на својот Фејсбук-профил.
Екс лидерот на СДСМ, Зоран Заев го честита Бадник и посакува празникот предвесник на Христовото раѓање, кој традиционално се празнува во семејствата, да помине во љубов, радост, благосостојба и толеранција.
„Семејните вредности, топлината и почитта нека се шират и пренесуваат меѓу сите граѓани. Да помислиме и да помогнеме на сите луѓе, и на оние кои во изминатиот период изгубија некој близок или се соочуваат со други тешкотии. Да ги отвориме срцата за добрини, разбирање и слога. Во мир, спокој, заедништво и надеж, да ја дочекаме веста за раѓањето на Исус Христос. Честит и вековит Бадник!, напиша Заев на својот Фејсбук-профил.
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божик, упати честитка до сите граѓани кои го прославуваат денот на христовото раѓање, до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.
„Почитувани сограѓани, имам особено задоволство и чест да ви го честитам големиот христијански празник – Божик и да ви посакам празникот на Христовото Раѓање да го поминете пред сѐ во добро здравје, во радост и во среќа. Празникот на Христовото Раѓање, Божик, нѐ потсетува дека мирот и радоста, љубовта и заедништвото, разбирањето и дарувањето се наши најголеми вредности. Да продолжиме безрезервно да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните, градејќи хармонија во домот, заедницата и во целото општество. Нека големиот празник нѝ даде дополнителна енергија да се соочиме со сите неволји и искушенија и нека нѐ инспирира на благородност, добродетелство, солидарност и заедништво. Со искрена верба и со длабока самодоверба да креираме успех и благосостојба“, пишува Пендаровски.
Денеска е Бадник, а утре е Божиќ.