ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 19 ИЛИ ОД 20 ЧАСОТ: Итна владина седница закажана во 13 часот за предлогот на Комисијата за заразни болести
На утринскиот
состанок, Комисијата за заразни болести предложила да се засилат рестриктивните
мерки, со што полицискиот час би почнувал во 19 часот или од 20 часот до 5
часот изутрина.
Според извори на Фактор, ваквиот предлог го даваат по направените анализи за епидемиолошката состојба во Македонија кога бројот на новозаразени е многу висок, а следтвено на тоа и бројот на дневно хоспитализирани пациенти е многу голем.
-Ова е предлог кој се темели на анализите што ги правиме. Секој ден се соочуваме со повисоки и повисоки бројки на нови инфицирани со корона вирусот, а во таква ситуација се поголем е и бројот на пациенти со потешки клинички слики на кои им е неопходно болничко лекување. Не треба да се доведеме во ситуација здравствениот систем да ни колабира, засега се уште има места во болниците, но мора да ги заостриме рестриктивните мерки. Затоа нашиот предлог е полицискиот час да почнува од 19 часот или од 20 часот, наместо како досега од 22 часот, велат за Фактор извори од Комисијата за заразни болести.
Во однос на кафулињата, дел од членовите на Комисија биле целосно да се затворат, а други биле само да им се намали работното време.
Во однос на овие предлози на Комисијата за заразни болести, денеска Владата закажа итна седница во 13 часот, по што ќе соопшти кои предлози се прифатени. Веќе е извесно дека полицискиот час ќе почнува порано од 22 часот и дека ваквата мерка ќе трае во наредните две недели.
А.Б.
