Полицијата за да спречи нарушување на јавниот ред и мир во Крушево ангажирала 400 полицајци
Полицијата за прославата на Илинден во Крушево имала информации дека се можни групирања и тенденциозни дејствувања на одредени групи со намера нарушување на јавниот ред и мир, и за таа цел се ангажирани 180 припадници на униформираната полиција, 70 полициски службеници во цивилна облека, 120 припадници на Одделот за специјални полициски операции и 10 полициски службеници од Одделот за заштита на одредени личности и објекти.
За обезбедување на внатрешниот параметар на патеката по која се движеа делегациите биле ангажирани и припадници на Посебните единици на полицијата, од кои 30 во цивилна облека, а 10 во полициска униформа.
Безбедносните активности поврзани со обезбедување на гостите поканети на прославата, ги организирал Командно-оперативен штаб.
„Ангажираните полициски службеници беа распоредени на неколку микро локации, согласно однапред утврден план за нивно поставување и дејствување. Главната задача на полициските сили е да дејствуваат во насока на превенирање на нарушување на јавниот ред и мир, а доколку се случат инциденти да се дејствува со намера групите да бидат потиснати и да биде оневозможено ескалирање на ситуацијата. Токму затоа и дел од припадниците на специјалните полициски сили беа ангажирани за обезбедување на делегацијата на Владата и на преставници на други земји, и беа облечени во цивилна облека“- наведуваат од МВР.
Во два наврата кон делегацијата се фрлени и пластични шишиња, но биле одбиени од припадниците на МВР. За време на движењето, кон делегацијата се упатени и вербални напади, како и зборови со говор на омраза.
