Полицијата го фати тик-токерот кој возеше контра во Ѓорче Петров, на 22 години немал возачка дозвола
Полицијата го пронајде несовесниот возач кој под профилот 77shpetim77 објави видео на социјалната мрежа Тик-Ток како опасно вози во спротивна насока на булеварот во Ѓорче Петров. На снимката од 10-тина секунди се гледа како останатите возачи го избегнуваат.
Станува збор за 22-годишно лице, кое ќе се казни и за возење во спротивен правец и за возење без возачка дозвола.
„Полициски службеници од Одделението за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје презедоа мерки и активности и денеска (29.05) го пронајдоа и санкционираа лицето кое со своето возило возеше во спротивна насока во скопската населба Ѓорче Петров и потоа објави видео снимка на социјалната мрежа „тик ток“.
Лицето е идентификувано – С.С. (22) од Скопје и против него се преземени соодветни мерки и покрај соодветната санкција според Законот за безбедност во сообраќајот за возењето во спротивен правец, С.С. е санкциониран и за управување возило без возачка дозвола“, соопшти МВР.
На Тик-Ток, под овој профил, неодговорниот возач, има и низа други снимки на кој се гледа како со разни возила, Ауди, БМВ достигнува опгромна брзина и во Скопје, но и на еден од македонските автопати.
