ПОЛИЦИЈАТА ГИ ОТКРИ И УАПСИ ТРОЈЦАТА СКОПЈАНИ КОИ ГО ЗАПАЛИЈА АУДИТО НА ШИЛЕГОВ - тогаш настрадаа и три други возила
Полицијата ги уапси тројцата скопшјани кои го запалија автомобилот на екс скопскиот градоначалник Петре Шилегов, при што настрадаа уште три други автомобили.
„На 27.04.2022, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.Ј., С.Б., и С.Ј., сите од Скопје. По преземени мерки и активности е утврдено дека тие на 09.03.2022 во Скопје со запалива течност предизвикале пожар во патничко возило „ауди Q5“, од кој биле зафатени три други возила - „фолксваген пасат“, „нисан“ и „даеву матиз“.
Денеска, до Основното јавно обвинителство Скопје, против нив е поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност" по чл. 292, а во врска со чл. 288 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението од МВР.
Како што веќе пишувавме, возилото на Шилегов беше запалено токму на 9 март.
Тогаш МВР потврди дека возилото претходно го паркирала сопругата на Шилегов.
На поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, тогаш рано утрото му изгорел автомобилот марка „ауди“, а освен неговиот, се запалиле уште три возила – „пасат“, „матиз“ и „нисан“ . Причините за опожарувањето на автомобилите сеуште не се познати.
Возилото претходно го паркирала сопругата на Шилегов, потврди МВР.
„На 09.03.2022 во 03,20 часот било пријавено дека на ул. „Петре Пирузе“ во Скопје настанал пожар во патничко моторно возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице, а паркирано од Ј.Ш.. Од пожарот зафатени биле и патнички моторни возила „пасат“, „матиз“ и „нисан“ со скопски регистарски ознаки, сите сопственост на Д.М. (53). Се врши увид и се работи на расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
