ПОЛИЦАЈЦИ, ВОЈНИЦИ, НОВИНАРИ, ВРАБОТЕНИ ВО ГРАДИНКИ... - и за овие групи од понеделник ќе има 4.000 вакцини
Национална техничка група за имунизација против Ковид 19 донесе одлука од почетокот на следната недела да започне и вакцинацијата на вработени во критичната државна инфраструктура, соопшти Министерството за здравство.
Вкупно 4.000 вакцини ќе бидат издвоени за овие категории од првичните 24.000 вакцини кои веќе пристигнаа, и со кои од утре започнува вакцинацијата на граѓаните над 75 години.
„Во критична инфраструктура влегуваат следните групи: вработени во МВР кои се најизложени на ризик, а за кои МВР треба да достави списоци согласно ризикот, вработени во АРМ исто така согласно список доставен од институцијата за најизложените групи, новинари вработени во медиуми, вработени во обвинителство и судови, возачите на автобуси во ЈСП, пожаникарите, вработените воспитувачки во градинките и вработените на патарините“, се вели во соопштението од МЗ.
Со оваа одлука техничката група за имунизација смета дека ќе се заштитат оние вработени кои имаат најмногу контакти и се во голем ризик.
„Сите останати групи согласно степенот на ризик ќе бидат вакцинирани во следните фази и апелираме за трпение и разбирање. Министерството за здравство уште еднаш ги потсетува граѓаните да продолжат максмално да ги почитуваат мерките за лична заштита“, се вели во соопштението од Кабинетот на министерот Венко Филипче.
