ПОЛЕСНО ЗАПИШУВАЊЕ НА ПРВАЧИЊАТА ВО УЧИЛИШТАТА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР: „Сè оди преку интернет со електронска апликација“
Запишувањето на првачињата во основните училишта во Општина Центар од оваа година ќе оди побрзо и полесно, само со неколку клика на интернет. Наместо долгите редови и собирање документи, родителите сега можат од дома да проверат во кое училиште припаѓа нивното дете и веднаш да ја поднесат електронската пријава, информира Општина Центар.
На веб-страницата на Општината (www.centar.gov.mk), преку делот „Урбанизам“ и ГИС порталот, доволно е родителите да се регистрираат, да ја внесат својата точна адреса под категоријата „Реонизација на училишта“, и системот автоматски ќе им покаже кое училиште е надлежно. Дополнително, ќе добијат и линк за електронска пријава за упис. Во случај системот да не ја најде адресата веднаш, на располагање е опцијата рачно да се избере точка на мапата и со „Побарај по локација“ да се добијат сите информации.
„Запишувањето во прво одделение никогаш не било полесно. За само неколку минути, родителите можат да проверат кое е нивното училиште и да ја поднесат електронската апликација. Нашата цел е родителите да се чувствуваат сигурно и поддржано, а децата да го започнат своето образование со позитивно искуство уште од првиот чекор. Продолжуваме да инвестираме во дигитализација, транспарентност и модерни услуги кои навистина го олеснуваат животот“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Со оваа дигитална алатка, Општина Центар им овозможува на родителите со неколку клика да го започнат важниот чекор во образованието на нивните деца, поедноставувајќи го процесот на упис како никогаш досега.
