Погрдни графити и кукаст крст на спомен плочата на Тито во Куманово
Погрдни графити и кукаст крст се испишани на спомен плочата на поранешниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито на градскиот плоштад во Куманово.
Настанот се случил ноќта спроти 25 мај. Поддржувачите на Тито вчера го одбележаа овој ден.
Настанот го осуди и кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, преку социјалните мрежи и побара надлежните да го пронајдат сторителот и да го казнат.
„Не е прв пат да се сквернават споменици од НОБ. Ваквите нечовечки акти нема да не поколебаат да ги негуваме придобивките на партизаните од НОБ и Јосип Броз Тито кои се бореа против најголемо зло на човештвото фашизмот и ни овозможија ние денеска да живееме во слободна и независна држава Република Македонија“- напиша Димитриевски.
Случајот е пријавен во кумановската полиција во 50 минути по полноќ и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
