ПОГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КОЧАНИ СЕ ЕКСТУБИРАНИ И ЧЕКААТ ОПЕРАЦИИ, НО ДВАЈЦА СЀ УШТЕ СЕ КРИТИЧНИ - Таравари со најнови информации
Од пациентите повредени во пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство, поголемиот дел се екстубирани, дел се веќе на рехабилитација, а дел се во фаза на подготовка за врз нив да се извршат оперативни зафати.
Ова, меѓу другото, го истакна на денешната прес конференција министерот за здравство, Арбен Таравари.
Тој наведе еден охрабрувачки пример, а тоа е состојбата на една пациентка која била двапати реанимирана, а денеска покажувала значително подобрување на Клиниката за пластична хирургија.
– Станува збор за пациентка која беше во многу тешка состојба, а денеска e добар пример за пациент кој беше многу тежок, рече министерот.
Инаку, од вкупно 193 повредени во трагедијата во Кочани, 57 лица сè уште се на лекување во болници низ земјата и во странство. Од нив, двајца пациенти се во критична состојба.Во Скопје се хоспитализирани девет пациенти: двајца на Клиниката за пластична хирургија, четворица во болницата „Свети Наум Охридски“, еден во ГОБ „8 Септември“, додека останатите се згрижени во приватни здравствени установи. Сите се во стабилна состојба, потенцираше Таравари.
Во странство се лекуваат 48 пациенти, но денеска се очекува враќање на еден од нив од Унгарија, со што бројот на пациентите кои продолжуваат со лекување надвор од земјата ќе се намали на 47.
