ПОФАЛБИ И КРИТИКИ: Што содржи извештајот на ЕК за Македонија
Европската Комисија ја критикува блокадата за старт на преговорите со Северна Македонија, се наведува во дел од извештајот на ЕУ за напредокот на земјата, јавува МИА.
Заклучоците во политичкиот дел од Извештајот на ЕК за Северна Македонија се генерално позитивни, јави МИА од Брисел, при што објавува и делови од него до кој дојде на неколку часа пред неговото официјално објавување во Европскиот Парламент.
Европската Комисија ја поздравува политиката на Северна Македонија во делот на зајакнувањето на демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата, но осврнувајќи се на последните локални избори, европската извршна власт констатира дека напредокот е ограничен во делот на спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Пред се тоа се однесува на изборното законодавство и усвојувањето на релевантните закони, за кои вели дека треба да се завршат навремено и на инклузивен начин, притоа алудирајќи на измените кои беа донесени непосредно пред изборите.
„Одлагањата во официјалниот старт на преговорите за членство имаат негативни последици врз кредибилитетот на ЕУ“, предупредува Европската Комисија и нагласува дека билатералните прашања помеѓу Софија и Скопје мора приоритетно да бидат решени.
„Комисијата со нетрпение очекува и ја истакнува важноста од постојано имплементирање на Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од сите страни. Во согласност со заклучоците на Советот, Комисијата ја продолжува потребната подготвителна работа и очекува првата Меѓувладина конференција да се одржи што поскоро штом се усвои преговарачката рамка од страна на Советот и пред крајот на оваа година, бара Европската Комисија.

