Економија, финансии, бизнис

Контакт

Подземни води ја поскапеа барок-зградата кај Бристол

Подземни води ја поскапеа барок-зградата кај Бристол
Неочекувани проблеми со високо ниво на подземни води ја зголемија цената на градежните работи на зградата во барок стил, што се гради кај хотел „Бристол“. Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор морало да склучи дополнителен договор во вредност од 41.681.676 денари (над 675 илјади евра) за надминување на проблемот при изведбата на овој објект. Согласно договорот, градежната компанија „Бетон“ од Скопје за 90 дена треба да ги реализира неопходните подготвителни активности за стабилизирање на теренот, пред да продолжи натамошнота изградба на зградата во која треба да се сместат повеќе државни институции - Централниот регистар, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија, Регулаторната комисија за енергетика, М-НАВ и Друштвото за стопанисување со станбен и деловен простор. Со овие дополнителни работи, вредноста на објектот се искачи над 14,2 милиони евра. Административната зграда со предвидена висина од 29 метри (приземје, осум ката и поткровје) се гради веќе неколку месеци на местото на некогашниот парк спроти хотелот „Бристол“. Кога најпрвин се појавиле подземните води, изведувачот се обидел да ги исцрпи, но заради огромните количества подземна вода што требало да се исцрпи, постоела опасност и од црпење на ситните песковити состојки во подземната вода што можело да ја наруши стабилноста на постоечките околни објекти. Затоа надлежните се решиле да распишат тендер со кој теренот најпрвин ќе се обезбеди од продорот на подземна вода со специјални методи. Веднаш до оваа зграда треба да се гради и новата зграда на ЕЛЕМ, како и нова катна гаража.
Слично

Поврзани вести