Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОДЗАБОРАВИВМЕ НА КОРОНАВИРУСОТ И НА ЛЕВ ТАХОР: Психолог објаснува зошто војната во Украина внесе страв кај нас

ПОДЗАБОРАВИВМЕ НА КОРОНАВИРУСОТ И НА ЛЕВ ТАХОР: Психолог објаснува зошто војната во Украина внесе страв кај нас

Македонските граѓани се плашеа од брзото ширење на омикрон сојот на коронавирусот, потоа паника внесе и еврејската секта Лев Тахор, која допатува во Македонија, но војната во Украина ги засени и поттисна овие настани.

Кај граѓаните се јави страв од војни, страв од недостиг на храна, и дополнително осиромашување. Мнозинството граѓани будно следат што се случува во Украина, откако Русија на 24 февруари започна инвазија на оваа земја и таа е топ тема и на социјалните мрежи. Психологот Наталија Наумовска вели дека сега сме сведоци  на ужасната ситуација со завојуваните земји.

„Некои истражувања покажуваат дека стравот во војна всушност може да биде корисен во одредени моменти, меѓутоа мора да се истакне дека граѓаните на Украина, па и на Русија се соочуваат со ужасен страв чиишто последици ќе ги чувствуваат подолго време. Стравот во воени периоди е тесно поврзан и со стрес, паника, очај, беспомошност, неизвесност, но и со инстинкт за преживување. Не само што Украинците се исплашени и загрижени туку стравот почна да се префрла најповеќе на земјите што се географски најблиску до нив. Тоа се огледува преку примерот со паничното купување на медицински залихи од аптеките во Австрија или кај нас со празнење на рафтовите со храна по маркетите. Почнува да владее некоја колективна загриженост, па луѓето преземаат некои превентивни мерки „за секој случај“. Ова однесување е тесно поврзано со анксиозност т.е. страв од некое идно случување. Таа анксиозност ги тера на воведување „мерки“ што во иднина би ги „спасиле“ или би им го олесниле постоењето. Како да се подзаборави пандемијата од Ковид-19, па оваа тема стана споредна, бројките почнаа да се намалуваат, а целото внимание е насочено кон воените дејствија меѓу Украина и Русија. Ова покажува дека е возможно поголемиот страв да го потисне претходниот кој автоматски станува помал. Не исчезнува целосно ни помалиот кој станува второстепен, меѓутоа се потиснува и нема ефект како пред појавата на поголемиот“, вели Наумовска.

Психологот додава дека сепак ова не значи дека новонастанатиот поголем страв ќе исчезне, а претходниот нема да се врати на неговата позиција. Ако претходно луѓето се плашеа од вирусот што може да им го одземе животот, сега повеќе се плашат од можна војна која исто така може да земе животи. При споредба на овие два стравови, како што објаснува Наумовска, сосема логички е стравот од војна да биде поголем бидејќи повеќе сме запознаени какви се последиците од нејзе.

„Исто така на некој начин човекот има поголема контрола кога е во прашање здравјето и грижата за него. Во војна за жал можностите се поограничени, а контролата врз целата ситуација е уште помала. Стравот од војна пак повлекува и страв од можна сиромаштија што дополнително го зголемува првиот страв. Сиромаштијата секако може да биде закана за човештвото во секое време доколку се прават голем број непромислени чекори при војна или при пандемија, сеедно. Најзагрозени се луѓето што и пред појавата на овие општествени/здравствени случувања биле со помали или без приходи“, раскажува Наумовска.

Таа вели дека периодов луѓето се преплавени со вести за тоа што се случува во Украина. Таа советува луѓето да следат, но да филтрираат кои информации се веродостојни и да не се опседнуваат со тамошните случувања.

„Кај нив се појавуваат секакви загрижувачки мисли со „што ако“ штом помислат на можна војна. Ова е нормална реакција при самото сознание дека некаде илјадници километри од нас се случуваат ужасни слики. Затоа и не се изненадувачки примерите со панично пазарање и слични активности. Кога човек постојано е изложен на слушање и читање статии со црни сценарија, нормално е дека ќе биде загрижен. Токму затоа потребно е да се ограничи дневниот „внес“ на вести што вознемируваат. Во ред е да се следи ситуацијата, но да не се стане претерано опседнат со случувањата. Сосема на крај, да потсетиме дека војната или обидот за почеток на војна од поголеми размери не е кај нас туку е во други земји. Потребна е селективност во читањето информации и не слепо верување во сè што ќе се погледне на интернет, со надеж дека ќе се смири огнот и наместо употреба на оружје, водачите ќе се ракуваат за мир. Ова е најидеалното сценарио што секој човек би требало да го посакува. Не смеат невини луѓе да страдаат поради некои политички игри. За жал, тоа се случува во моментов и се губат човечки животи, покрај катастрофалните последици врз објекти. Човештвото навистина ништо не научило од минатото ако набрзо состојбата не се стабилизира. Најдобар избор во моментов е да бидеме внимателни и сталожени надевајќи се на најдоброто“, советува психологот.

Наумовска вели дека стравот е примарна или основна, моќна и првобитна човечка емоција. Тој може да биде вроден (човекот се раѓа со вроден страв од паѓање кое е во многу тесна врска со акрофобијата и страв од силни звуци), а може да биде и стекнат односно научен. Еден начин за дефинирање е: „фундаментална емоција што се појавува веднаш во средина каде што постои закана или е забележана некаква опасност“. Примери за вродениот страв влечат корени во далечното минато.

„Од еволуциската перспектива, стравот е поврзан со реакцијата „бори се или бегај“ добропозната на психолозите. Стравот ги штител луѓето од предатори и други закани со цел преживување на човечката раса. Во одредени настани тој може да биде корисен бидејќи заштитува од поголеми опасности.  Знаци за постоење на страв од физиолошка природа се: забрзана срцева работа и покачување на крвниот притисок, забрзано дишење или губиток на здив, некои дигестивни промени, потење и студенило, мускулно тресење итн. При чувство на страв се ослободуваат хормониите кортизол и адреналин, наречени хормони на стрес. Мора да се напомене дека константното чувство на страв негативно влијае врз менталното и физичкото здравје на луѓето. Со себе повлекува лоши последици врз целокупното функционирање, кажано накратко“, рече Наумовска.

Сепак, како што вели психологот, препораката е дека треба да се избегнуваат различните стресори и ситуации што предизвикуваат појава на страв.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести