Економија, финансии, бизнис

Контакт

Поднесено обвинение за Мухамед Зекири, прибавил корист од речиси 1,5 милиони евра

Поднесено обвинение за Мухамед Зекири, прибавил корист од речиси 1,5 милиони евра

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја заврши истрагата и денеска во Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против Мухамед Зекири, поранешниот генерален секретар на Владата. ОЈО известува дека преку нарачана физибилити студија за евентуална приватизација на АД Пошта и Македонски Железници - Транспорт тој недозволиво прибавил безмалку 1,5 милиони евра лична корист.

Зекири е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување. Во периодот од месец април 2021 година до месец март 2022 година, склучил два договори без јавна набавка.

На 4 мај 2021 година, со умисла потпомогнат од осомничените хрватски државјани, недостапни на органите на прогон, склучил договор за консултантски услуги со правно лице на износ од 795.000 евра без ДДВ во денарска противвредност. Ова правно лице, во кое еден од осомничените хрватски државјани е соосновач и управител, било основано дваесет дена пред склучувањето на Договорот. По склучениот договор, правното лице склучило Договор за консултантски услуги за постапка на процена на вредноста, како и длабинско снимање на АД Пошта на Северна Македонија Скопје со вториот осомничен хрватски државјанин, за износ од 130.000 евра во денарска противвредност. 

„Во критичниот период, во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ се исплаќани парични средства на сметката на правното лице, со што за правното лице е прибавена значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 57.932.100 денари, што го претставува износот согласно договорот зголемен за 18% ДДВ, а за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“, објави ОЈО.

Вториот договор за консултантски услуги е за поддршка во процесот на потенцијална приватизација на Железници на РСМ Транспорт АД Скопје и бил склучен наредниот месец на 23 јуни.2021 година, со друго правно лице како давател на услуги (консултант). Договорот бил со вкупна вредност во износ од 772.400 евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ.

„На сметка на ова правно лице Владата на РСМ врз основа на издадена фактура првично исплатила аванс од 11.284.162 денари за одржување на почетен состанок со правното лице, односно за официјално започнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени буџетски средства во износ од 26.247.138 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“, дополнува Обвинителството.

Вкупниот износ со кој Зекири го оштетил буџетот изнесува 89.385.255 денари и на судот му е предложено да му се продолжи куќниот притвор.

Слично

Поврзани вести