Поднесена кривична против Доневски - за што се товари?
Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски, и Волфганг Гампер, сопственик и управител на фирмата „Секјуриком“ се осомничени за местење незаконски тендери за чистење и одржување.
Со незаконските дејствија компанијата се стекнала со пртивправна имотна корист од над 11 милиони евра, а допрва ќе се утврдува за колкава сума е оштетен државниот буџет.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, изјави дека истрагата траела три месеци и дека вчера е поднесена кривична пријава против Доневски за злоупотреба на службената положба и против лицето Гампер во својство на управител и сопственик на „Секјуриком мултисервис интернационал ДОО Скопје“ за соизвршителство. При претреси на неколку локации е одземена документација и електронски уреди.
Пријавените склучиле договор на 31 август 2015 година спротивно на член 15 од Законот за јавни набавки, со кој „Секјуриком“ се здобил со противправна имотна корист од 660. 834. 855 денари.
Муареми вели дека предметот вчера е предаден до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, и дека ова е само прва фаза од истрагата.
