Поднесена интерпелација за Тошковски
Пратеничката група на Левица денес поднесе Интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
- Од позиција на министер, Тошковски грубо ја занемари и несоодветно ја извршуваше својата јавна функција, постапувајќи нестручно, неодговорно и непрофесионално што се оделотвори во низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови промашувања во МВР - рече пратеникот Сашко Јанчев.
Од Левица, на прес - конференцијата образложија дека интерпелацијата е базирана на десет основи од кои пет се директно поврзани со трагичниот настан во Кочани.
- Не слушнавме дека во истрагата е вклучена инспекторката за економски криминал на ОВР Кочани, која имајќи ги предвид нерегуларностите на работењето на дискотеката не презела никакви мерки за истрага коишто и се законска обврска. Не слушнавме дека во истрагата е вклучен и сменоводителот за време на кобната ноќ, којшто не презел мерки за контрола на објектот и обезбедување јавен ред и мир, па во објектот се нашле и малолетни лица.
Дополнително, во време на мандатот на Тошковски е обновена лиценцата на оваа дискотека. Тој е министер повеќе од една година, затоа што тој беше министер и во техничката влада и во сите овие пропусти, директна командна одговорност има Министерот за внатрешни работи, додаде Јанчев.
Втор основ е нелегалната употреба на пиротехнички средства, а трет е неукажувањето помош од страна на полицајците, за време на настанот. Четвртиот основ се непроцесуираните фејзбук - закани упатени кон критичарите на власта во време на колективна траума и јавен револт, а петиот е злоупотребата на МВР, како што велат од партијата, со забраната за дронови со цел задушување на протестите.
