Подмладокот на Левица го фрли транспарентот „Македонија е бугарска“ поставен во Благоевград
Oд подмладокот на Левица, наречен „Црвена младина“ објавија дека успеале да го отстранат и фрлат транспрентот поставен на еден надвозник на влезот на Благоевград, на кој пишуваше „Македонија е бугарска“.
Објаснуваат дека на денешното отворање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров” во Благоевград осамна транспаранет поставен од бугарски шовинисти на кој пишуваше „Македонија е бугарска”, кој очигледно служеше за провокација и навреда.
„Нашите активисти кои денес беа присутни во Благоевград веднаш реагираа, го отстранија и фрлија навредливиот транспарент. Остро го осудуваме ваквиот чин, кој воопшто не доликува на земја членка на ЕУ, која треба да ги негува европските вредности. Порачуваме дека и во иднина ќе продолжиме да ги негуваме нашите асномски идеали и нема да дозволиме нивно омаловажување и релативизирање“, се вели во објавата на Левица.
Левица, ВМРО-ДПМНЕ, Демократски сојуз денеска присуствуваа на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски објави фотографија од транспарентот.
