Подгответе потопла облека: Температурите допрва ќе паѓаат
Територијата на Македонија во следните часови и понатаму се поизразено ќе потпаѓа под влијание на значително свежа воздушна маса од север кој ќе услови да дува повремено силен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 60 км/час). Ќе има и локална нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер, вели метеорологот Славчо Попоски.
„Значително свежо и ведро утро ќе ни донесе денот четврток 23 јули кога минималните температури во Македонија ќе се спуштаат во интервалот од 7 до 15 степени а во југоисточните предели тие ќе бидат малку повисоки. Во Скопје и околината исто така утрото на ден четврток 23 јули ќе биде значително свежо кога минималната температура ќе се спушти до околу 13 степени.
Значително пониски температури ќе имаме и преку денот четврток 23 јули со максимални дневни температури на воздухот кои ќе се искачуваат во интервалот од 23 до 32 степени, а во Скопје и околината температурата ќе се искачи до околу 28 степени.
Денот четврток 23 јули ќе ни биде стабилен и претежно сончев со повремено засилување на ветерот од северен правец.
Да напоменам дека горе наведените температури кои ги очекувам се под просекот за месец јули“, објави тој.
