Поддршка за социјално ранливи категории: Предлог закон за финансиска помош за справување со ценовната криза
До Собранието на Република Северна Македонија е испратен нов Закон за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани со цел олабавување на ефектите од растот на цените на основните прехранбени производи и економската криза.
- Во услови на енергетска и економска криза, раст на цените на основните прехранбени производи и намалување на куповната моќ на граѓаните неопходно е да се преземат соодветни, таргетирани мерки како би се заштитил животниот стандард на граѓаните, особено на оние без приходи или со ниски приходи.
Постојните системски решенија од областа на социјалната заштита, пензиското и инвалидското осигурување и заштитата на потрошувачите не се доволни за целосно надминување на тековните економски последици, поради што е потребно донесување на посебен закон со кој привремено и интервентно ќе се уреди финансиска поддршка за ранливите категории на граѓани -се нагласува во предлог законот доставен до пратениците.
Со предлог‑законот се предвидува финансиска помош за неколку категории граѓани, меѓу кои корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток, лица со право на надоместок поради попреченост, корисници на гарантирана минимална помош, пензионери со пензија до 25.000 денари, домаќинства со ниски приходи во зависност од големината на семејството, и жртви на семејно насилство евидентирани во Центрите за социјална работа.
Финансиската поддршка за најранливите групи ќе се исплаќа на месечно ниво и ќе трае три месеци, а би требало да започне еден месец по стапувањето на законот во сила. На пример, корисниците на социјална сигурност, посебен додаток, надоместок за попреченост или гарантирана минимална помош ќе добиваат по 3.000 денари месечно, додека поддршката за пензионери се определува во неколку нивоа во зависност од висината на пензијата. Домаќниствата со пет или повеќе членови и низок приход би добиле 3.500 денари месечно, додека помали домаќинства би добиле помал износ, но во сите случаи поддршката е наменета да помогне за справување со порастот на трошоците за живот.
Според предлогот направен од група пратеници финансиската поддршка треба да се исплатува со средства од Буџетот на Република Северна Македонија, и тоа: од буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади, од буџетот на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија и буџетот на Министерството за економија и труд. Законот чие донесување се предлага повлекува обврска за обезбедување средства за неговото спроведување во висина од 586.692.000 денари од Министерството за социјална политика, демографија и млади, 1.284.807.000 денари од Фондот на Пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и 386.100.000 денари од Министерството за економија и труд.
- Предлогот на законот предизвикува финансиски импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 2.257.599.000 денари - се посочува во предлог законот.
Исплатата би се вршела автоматски преку податоците од надлежните институции, без потреба од дополнително барање за дел од корисниците, додека за домаќинствата со ниски приходи ќе биде потребно поднесување барање до Министерството за економија и труд.
Инаку овој закон го предлагаат пратеници од редовите на опозицијата или Бисера Костадиновска Стојчевска, Благој Бочварски, Борче Цветков, Венко Филипче, Даниела Николова, Димитар Ковачевски, Јован Митрески, Јованка Тренчевска, Љупчо Николовски, Миле Талевски, Митко Трајчулески, Оливер Спасовски, Сања Лукаревска, Славјанка Петровска и Фатмир Битиќи.
