ПОЧНАА ОБИВАЊАТА НА ВОЗИЛА ВО ГРЦИЈА: Немил настан пред неколку дена остави без пари и лични документи семејство од Србија
Српски туристи кои минатата недела биле во Грција на одмор, на групите на социјалните мрежи пријавија дека им било обиено возилото и од него украдена ташна со пари, платежни картички и лични документи.
Инцидентот се случил во близина на Паралија, летувалиште кое е омилено и на Македонците.
„Во четврток, 05.06 во 11:45 часот по грчко време, нашиот автомобил беше обиен и од него беше украдена црна чанта „Пума“ со лични документи и платежни картички на име на Николиќ Стеван од Панчево, на плажата Аликес Китрос, која се наоѓа во близина на местата Макригијалос и Паралија. На самата плажа има спа-центар и лековита кал од каде што доаѓаат многу наши луѓе од Паралија и Макригијалос, па доколку некој случајно најде нешто фрлено во близина, ве молиме известете нè. Целиот случај е пријавен во локалната полиција“, објавија во групата Грција инфо.
Инциденти со обивање возила но и крадење на цели автомобили имаше и лани, кога голем број граѓани пријавуваа не само на локалната полиција, туку и на социјалните мрежи.

