ПОЧНА СО РАБОТА ПРВАТА ЗИМСКА ШКОЛА НА МСМЈЛК - учесниците ги поздрави и ректорот Никола Јанкуловски
Денес, 25. 01. 2021 година, во 9 часот започна со работа ПРВАТА ЗИМСКА ШКОЛА на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) и тоа на далечина (онлајн) преку зум платформата. Пред 50-сетината семинаристи свои пригодни видео-обраќања имаа претседателот на Р Северна Македонија, г. Стево Пендаровски и министерката за образование и наука, г-ѓа Мила Царовска.
Учесниците на оваа прва зимска школа ги поздрави и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
„Чувствуваме пиетет/почит на овој начин да му се оддолжиме на професорот, но и ректорот, Блаже Конески кој ете имал свој влог и учество во покренувањето и обмислувањето на тогаш т.н. Семинар за македонски јазик во далечната 1967г. “
„Зборовите на Конески: „Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“ нè обврзуваат“, нагласи рекоторот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.
„Во втората статија „Има ли потреба за македонски национални научно-литературни другарства?“ од култната книга „За македонските работи“, Крсте Петков Мисирков причините за одделувањето на Македонците во македонско друштво ги наоѓа во „употребувањето на нашите умствени сили за изучувањето на себеси, како членови на една татковина и еден народ“.Затоа, вели Мисирков, „За да се достигне таа цел требало да се состави одделно друштво од лица за кои изучувањето на Македонија во етнографски, географски и историски однос има првостепено значење, а такви лица сме ние Македонците“. Значи потребата од вакви другарства (било) е заради изучување на Македонија, а тоа значи изучување на нејзиниот јазик, литература, култура, историја. Впрочем, ние на овој Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура можеме да гледаме и како на еден природен наследник на ова другарство за кое се залагал Мисирков. Значи тоа што како идеја започнала да живее на почетокот на 20.век вистински се реализирала во средината или поточно во 1967 и еве трае и трае нешто повеќе од 50 години. А во оваа јубилејна 2021, кога се навршуваат точно 100 години од раѓањето на Блаже Конески, му се оддолжуваме со првата зимска школа во рамките на МСМЈЛК“, истакна директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
На оваа прва зимска школа учествуваат 50 семинаристи од 16 земји (Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грција, Италија, Канада, Косово, Полска, Руска Федерација, Соединети Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка) кои во во периодот од 25 јануари до 5 февруари 2021 година имаат можност да проследат 40 часа квалитетна лекторска настава. Притоа организирани се лекторски групи за сите нивоа (почетно, средно и напреднато, кое, пак, ги има и своите поднивоа, за јазик, литература и преведување). Наставата ја изведуваат лекторите (предавачи и професори) со долгогодишно искуство: Борче Арсов и Биљана Стојановска (за почетно ниво), Гордана Алексова и Бојан Петревски (за средно ниво), Бобан Карапејовски (за напредно ниво на полето на јазикот), Роза Тасевска и Јован Ковачевски (за напредно ниво на полето на преведувањето) и Весна Мојсова-Чепишевска и Елена Ѓорѓиовска (за напредно ниво на полето на литературата).
На сето ова и УКИМ и МСМЈЛК гледаат како на еден вистински влог во отпочнувањето на прославата на големиот јубилеј – 100 години од раѓање на Блаже Конески.
Директор на МСМЈЛК при УКИМ
проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска
