Почна расправата за Буџетот за догодина, опозицијата тврди – ова е буџет за преживување!
Од овие пари, за капитални инвестиции предвидени се 21.209 милијарди денари, а дополнително значаен износ е предвиден и во програмите на Јавното претпријатие за патишта преку кое се реализираат автопатите од Миладиновци-Штип и Охрид- Кичево, како и програмите на претпријатијата во државна сопственост од енергетската област кои годишно просечно изнесуваат 100 милиони евра.
„Оваа политика во изминатиот период даде добри резултати. Градежништвото остварува двоцифрени стапки на раст. Ја повлекува и индустријата, односно голем број мали и средни претпријатија кои се вклучени во работните ангажмани на градежните фирми и на тој начин се повлекува целосно растот на македонската економија“, вели Ставрески.
Растот за следната година е проектиран на четири проценти, а инфлацијата ќе остане на ниско ниво до 2 проценти.
Опоцизијата, поради своето отсуство од Собранието, годинава нема да учествува во расправите за државната каса. Сепак, од СДСМ со соопштение го коментираа предлогот, тврдејќи дека се работи за „еден од најгломазните и неразвојни буџети досега“, при што најголем дел ќе одат за плати и пензии, незначително ќе се зголемат средствата за капитални инвестиции, а ќе се намалат парите за субвенции.
„Колку е лоша состојбата со буџетот покажува намалувањето на еден од најголемите адути на власта за фалби пред избори, а тоа се субвенциите. За 2015 година, власта ги намалува парите за субвенции за над 2 милиона евра“, соопшти СДСМ.
Опозицијата тврди дека власта се потпира на нагазување на казнената политика кон граѓаните и стопанството, како еден од главните извори на прибирање пари во буџетот за догодина.
