ПОЧНА ИЗДАВАЊЕТО ЛИЧНИ КАРТИ СО НОВОТО ИМЕ: Што е ново, освен Северна Македонија во нив?
Издавањето беше блокирано речиси два месеци поради бројните амандмани на опозицијата...
Министерството за внатрешни работи од денеска започнува со издавање лични карти за граѓани со новото уставно име на државата Република Северна Македонија.
Издавањето лични карти со новото име на државата, кое речиси два месеци е блокирано со бројни амандмани на опозицијата, поради што сѐ уште не се донесени измените на законот за лични документи, беше овозможено од Владата во Скопје со донесување на подзаконски акти.
Владата на Зоран Заев во петокот, со цел да се надминат проблемите со издавање на нови лични карти, како што објави, донесе подзаконски пропис усогласен со Законот за лични карти и Законот за јазици, со кој се овозможува непречено издавање лични карти.
Повеќе од 40.000 граѓани не можеа да добијат лични карти поради блокадата на измените на законот, бидејќи на 1 јули, Министерството за внатрешни работи се префрли на софтвер со ново државно име, кој се користи и за пасоши и други лични документи за што навреме беа донесени нови закони.
Наведување за етничко потекло
Малата опозициска партија Левица го блокираше Предлогот за изменување и дополнување на Законот за лични карти со 1.500 амандмани, незадоволна бидејќи предложените измени, покрај новото име на државата и можноста за печатење на мајчин јазик за припадниците на етничките заедници, предвидуваат документот да наведува и етничко потекло.
Вклучувањето на новото име на државата Северна Македонија во лични документи е предвидено со Договорот од Преспа со Грција, со кој се реши повеќедеценискиот спор за името на државата.
Врз основа на тој договор, Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија на 12 февруари 2019 година.
Старите лични карти со натпис Република Македонија, на кои не им е истечен рокот, ќе важат најдоцна до 12 февруари 2024 година.
