Почна исплатата на МојДДВ: Близу 836 милиони денари ќе легнат кај над 528 илјади граѓани
Започна исплатата на средствата од програмата МојДДВ за скенираните фискални сметки во првото тримесечје од 2026 година, информираат од Управата за јавни приходи.
Исплатата ќе се врши етапно, во зависност од обработката на налозите.
Според податоците на УЈП, средства ќе добијат 528.447 корисници, а вкупниот износ што треба да биде исплатен изнесува близу 836 милиони денари.
Кај 4.968 корисници е утврден неточен податок за трансакциска сметка, поради што исплатата засега не може да се реализира. Средствата ќе бидат исплатени откако корисниците ќе ги коригираат податоците.
Дополнително, кај 7.560 корисници износот за поврат е помал од 50 денари, па тие средства ќе бидат префрлени и исплатени во следниот квартал.
Од УЈП апелираат до граѓаните кои сè уште не добиле средства од претходни или тековни исплати да ги проверат податоците за трансакциската сметка во апликацијата, за исплатата да може непречено да се реализира.
