Починатиот Трајче Нешковски и уште петмина други доктори прогласени за почесни граѓани во борбата против Ковид-19
Трајче Нешковски, младиот специјалист интернист од Клиниката за пулмоалергологија, кој почина пред еден месец е постхумно прогласен за почесен граѓанин на Гостивар поради придонес во борбата со ковид-19. Тој беше дел од тимот кој работеше во ковид-центарот во Козле. За почесни граѓани на Гостивар се прогласени уште пет доктори кои се грижат за пациенти заболени од коронавирусот - инфектолозите Фадил Цана, Илир Демири, Ратко Наумовски, Енес Мемети и Месут Хасипи.
- Пред неколку дена му предложив на Советот, тројцата лекари кои се борат со Ковид 19 на скопските клиники, Цана, Демири и Нешковски да бидат прогласени за почесни граѓани. Таквото признание го заслужуваат и нашите сограѓани лекарите Ратко Наумовски, Енес Мемети, Месут Хасипи кои се во првите редови во сузбивањето на пандемијата во Гостивар, објави градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, откако ја доби поддршка од Советот на општината на 29 седница.
Признанието „почесен граѓанин" свечено ќе им биде врачено на 23 декември на Денот на општина Гостивар. Претходно, лекарите добија благодарници.
