Почина политичкиот аналитичар Арсим Зеколи
Рано утрово почина политичкиот аналитичар Арсим Зеколи на 60-годишна возраст. Тој беше поранешен амбасадор на Македонија во ОБСЕ во Виена, функција на која бил назначен во 2006 година, а подоцна, во 2009 година, бил назначен и за шеф на Центарот на ОБСЕ во Ашгабат, Туркменистан.
Во јавноста Зеколи беше познат како колумнист, коментатор и политички аналитичар. Често гостуваше во телевизиски емисии и пишуваше колумни во кои ги анализираше односите меѓу партиите, меѓуетничките прашања, надворешната политика, евроинтеграциите и состојбата со демократијата во земјата. Зеколи важеше за јавна личност која не се воздржуваше од директни критики, без разлика дали тие беа насочени кон власта, опозицијата, меѓународните претставници или медиумите. Поради таквиот стил, неговите ставови често предизвикуваа реакции, полемики и поделени мислења во јавноста. Во пошироката јавност ќе остане запаметен како дипломат со меѓународно искуство, но и како гласен политички коментатор кој со години активно учествуваше во јавната дебата во Македонија.
