Почина Љупчо Грнчиштанов, еден од обвинетите во предметот за Кочани
Љупчо Грнчиштанов, едно од лицата обвинети во предметот поврзан со трагедијата во Кочани, почина на 54-годишна возраст.
Јавното обвинителство е известено за случајот. Според првичните информации, на Грнчиштанов му се слошило во домашни услови, по што починал. Основното јавно обвинителство Скопје ќе издаде наредба за обдукција.
Грнчиштанов беше опфатен со обвинението за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Тој од 15 јануари 2013 година до 16 март 2025 година ја извршувал функцијата генерален инспектор, односно раководител на Инспекциската служба во Дирекцијата за заштита и спасување.
Според достапните информации, во текот на постапката поминал 77 дена во ефективен притвор, а потоа речиси 14 месеци во куќен притвор.
Ова е уште еден смртен случај меѓу лицата опфатени со постапката за кочанската трагедија. Претходно почина и Владо Петров, пензиониран полициски службеник, кој беше меѓу осомничените во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“.
Предметот и натаму е под силно внимание на јавноста, а семејствата на жртвите очекуваат постапката да се води ефикасно и во разумен рок.
