„Побрзо во животот немам трчано, трчав и викав по нив да престанат да ме касаат“: потресно сведоштво од скопјанка нападната од глутница кучиња
Соња Николовска Најдовски, жителка на Скопје на социјалните мрежи сподели сопствено потресно сведоштво од напад од глутница кучиња додека во утринските часови трчала на кејот на реката Вардар.
Како што наведува, околу 4:30 часот излегла да трча пред работа, кога на делницата од Палас кон Влае најпрво ѝ се приближиле неколку кучиња кои почнале да лаат, а набргу потоа им се придружиле уште десетина. Во обид да се одбрани, застанала и викала, но безуспешно.
По инцидентот, повикала полиција која излегла на местото, а потоа заедно со пријателка заминала во Ургентниот центар. Таа информира дека добила угризи на седум места, примила тетанус-вакцина во ГОБ „8 Септември“, како и терапија со антибиотици и преврски.
Во својата објава посочува дека покрај физичките повреди, кај неа останал и силен страв и апелира институциите системски да го решат проблемот со бездомните кучиња.
„Со постов сакам само да ве освестам да се чувате и да се надеваме дека овој проблем системски ќе биде решен што поскоро. Да не се повтори!“, порача таа.
Притоа во објавата ги означени и надлежните институции, меѓу кои Агенцијата за храна и ветеринарство, Град Скопје, ЈП „Лајка“, како и општините Центар и Карпош, со порака вакви случаи да не се повторат.
Проблемот со бездомните кучиња останува еден од најсериозните предизвици за градската администрација, а засега нема на повидок конкретно решение кое би гарантирало поголема безбедност за граѓаните на главниот проблем.
Дополнително пред кратко време по социјалните мрежи исто така се споделуваше објава дека голем број кучиња се донесени во главниот град и намерно оставени тука, што ги прави уште поризични за жителите во околината.
Еве го нејзиното сведоштво:
