Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОБЕДА СО 12, НО И СО 19 ГЛАСА: Дали жителите на овие општини се изненадени од тесната изборна битка?

ПОБЕДА СО 12, НО И СО 19 ГЛАСА: Дали жителите на овие општини се изненадени од тесната изборна битка?

Во Зрновци кандидатот за градоначалник од СДСМ, Ванчо Митев однесе победа со само 12 гласа разлика.  Тој освои 691 глас, додека Борчо Коцев од ВМРО-ДПМНЕ освои 679 гласа.

Жителите велат дека епилогот од изборите е израз на народната волја и сега чекаат решавање на проблемите. 


„Некои жители можеби се изненадени, можеби така требало да биде, треба промени. Тоа се практично 3 домаќинства по 4 гласа, толку се, 12 гласа разлика. Имаме проблеми со водата за пиење, тие работи треба да се решат, ќе видиме сега дали градоначалникот ќе го поправи тоа. Ја користиме водата само за капење, за пиење си купуваме. И во други општини има мала разлика во гласови, но тоа е волјата на народот, така сакале и така гласале“, вели жител на Зрновци.


Во Крушево, разликата е само 19 гласа, односно Нико Чонески од ВМРО-ДПМНЕ има 2.662 гласа, додека Томе Христоски од СДСМ доби 2.643 гласа. И во ова гратче имаше тесна битка за позицијата градоначалник. 

„Кај нас во Македонија сѐ е очекувано. Мислам дека излегле луѓе што во првиот круг не гласаа и тие пресудија.  Имаше и неважечки ливчиња. Очекувам нешто за туризмот да се направи, иако се иселија многу луѓе од градот, и останавме само постари луѓе кои работат во државни институции, јавни претпријатија и мал дел кои работат во Прилеп“, додава постара жителка на Крушево.

Во Пробиштип, Тони Тоневски од ВМРО-ДПМНЕ доби 4.163 гласа, а Драган Анастасов од СДСМ има 4.134 гласа, односно разликата е само 29 гласа.

Во Македонска Каменица, Соња Стаменкова од СДСМ има 1.734 гласови, додека противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Димчо Атанасовски освои 1.702 гласа, односно Стаменкова има само 32 гласа повеќе.

Во малата Демир Капија, разликата е 70 гласа. Наталија Димитриева од ВМРО-ДПМНЕ има 1.222 гласа, а Лазар Петров од СДСМ има 1.152 гласа.

Во Росоман, Стојан Николов од СДСМ освои 1.231 глас, а Ѓорѓи Крстевски од ВМРО-ДПМНЕ освои 1.305 гласа, односно разликата е 74 гласа.

На 1.777 избирачки места на 2 ноември гласале 424.923 граѓани, што претставува излезност од 41,93 отсто. Бројот на важечки гласачки ливчиња изнесува 404.464, а неважечки 23.930.

На претходните локални избори во 2021 година, во вториот круг, во помалите општини разликата во гласови беше трицифрена. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести