Побарал 100.000 евра за да одобри увоз на вештачко ѓубриво: ОЈО ГОКК поднесе обвинение против директорот на ДИЗ, Анакиев
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против Васе Анакиев, кој се товари за кривичното дело примање поткуп.
Според обвинението, обвинетиот Анакиев, во својство на директор на Државниот инспекторат за земјоделство, во март годинава побарал и примил значителна имотна корист за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
- Обвинетиот вршел притисок да не се одобри увоз на вештачко ѓубриво на правно лице кое се занимавало со негово производство и увоз, иако истото и претходно повеќепати увезувало ваков вид стока. Притоа влијаел врз службено лице – фитосанитарен инспектор на граничен премин, да не го одобри влезот на стоката во државата, поради што таа неколку дена била задржана на граничниот премин.
На 13.03.2026 година обвинетиот во Свети Николе директно побарал поткуп во износ од 100.000 евра за одобрениот увоз и за идните увози на вештачко ѓубриво, при што побарал износот да биде исплатен во три рати.
На 19.03.2026 година, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50.000 евра, обвинетиот бил лишен од слобода при преземањето на парите од полициски службеници - се посочува во соопштението од Обвинителство.
Со Обвинителниот акт е поднесен и посебен предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот поради постоење на околнистите заради кои истиот беше определен.
