Побара оставка од Христијан Мицкоски, па беше разрешена
Советничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Битола, Анита Ангелевска побара оставка од претседателот Христијан Мицкоски и вонреден конгрес, по што партијата веднаш ја разреши.
Таа порачува и дека партијата треба да се подготви за локалните избори кои треба да се одржат во октомври наредната година, а патот за да излезе како победник на нив е да се направат промени преку вонреден конгрес.
„Вонреден конгрес, мобилизирање на партиската структура, сојузништво со граѓаните, застапување и искрена борба за нивните интереси. Единствено тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати на победничката патека“, изјави Ангелевска.
Партијата се огради од нејзината изјава и ја разреши.
ВМРО-ДПМНЕ, порачува таа, мора да излезе од фазата на губитник и од партија која нема фокус, а по најново и од партија која бојкотира избори, алудирајќи на одлуката да не се учествува на предвремените избори за градоначалник во Штип и Пласница.
Тие ја обвинуваат советничката дека се води строго од личен интерес и дека е под големо влијание на власта.
На ДПМНЕ Губитничко сите други им се виновни за очајната состојба во која се наоѓа, само тие самите не, порача од СДСМ.
