Побарана екстрадиција од Емиратите за Шеваљ Муареми и Мухамед Чајани
Обвинителството за гонење на организиран криминал месецов до Министерството за правда поднесе барање за екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати на Муареми и Чајани, осомничени дека биле дел од криминална група од Грчец инволвирана во недозволена трговија со дрога и убиства.
Инаку, по еден месец од големата полициска акција за разбивање на криминалната група, името на Шеваљ Муареми и на уште седум осомничени за овој предмет се најдоа и на листата на МВР на лица кои се бараат со меѓународна потерница. Сите се од општините Чаир и Сарај, а меѓу нив има и 20 годишно момче.
За Муареми веќе е познато дека последната локација од каде објавуваше фотографии е Дубаи. Тој е осомничен како предводник на групата која убивала и пренесувала дрога, а беше откриен преку акција потпомогната и од меѓународните истражни институции.
Во јануари годинава, МВР поднесе кривични пријави против 16 лица, но во Македонија беа уапсени шест. Тогашниот министер Оливер Спасовски рече дека во наредниот период ќе се приберат докази и за други кривични дела сторени од овие лица и дека јавноста ќе биде изенадена од имињата кои ќе ги слушне во следниот период, меѓу кои биле лица и од министерството, од судови и други институции, но еден месец подоцна нема детали дали оваа истрага ќе биде проширена со нови имиња.
