Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПО ЗАТВОРАЊЕТО НА ГРАНИЦИТЕ: На прсти се бројат луѓето кои влегуваат во менувачниците

ПО ЗАТВОРАЊЕТО НА ГРАНИЦИТЕ: На прсти се бројат луѓето кои влегуваат во менувачниците

Откако Владата донесе одлука да се затворат границите и аеродромите во земјава, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот,  нагло падна работата во менувачниците. 

Во повеќето македонски градови, сопствениците на менувачници велат дека на прсти се бројат луѓето кои влегуваат да купат или сменат девизи. Очекуваат дека идните денови ќе биде уште полошо. Раскажуваат дека фреквенцијата низ градовите е сведена на минимум. 

„Нема клиенти и можам да кажам дека за 98 отсто се намали работата. Денеска поминаа десетина луѓе, некои само прашуваат, а некои ги менуваат девизите кои ги имаат во денари. Ќе биде уште полошо“, велат од менувачница во Гевгелија. 

Слична е состојбата во Охрид. Велат туристи нема, а и жителите на градот се трудат што повеќе време да поминуваат дома и да не излегуваат непотребно. 

„Само 5-6 луѓе денеска влегоа во мојата менувачница. Туристи нема во градот. Луѓето или менуваат девизи во денари, или купуваат нешто ситно, до 50 евра. За 70 отсто падна работата. Луѓето навистина се исплашија, и тие што се движат низ градот се со ракавици и маски, а и јас користам ракавици затоа што сум во допир со пари. Искрено и јас се плашам. Денес ќе работам со скратено работно време, ќе затворам и ќе си одам“, раскажува охриѓанец. 

Празно е низ чаршијата и во Кавадарци. Граѓаните се придржуваат до мерките на Владата. 

„Низ чаршијата нема човек да видите. Луѓето менуваат 20 или 50 евра во денари, колку да отидат да пазарат. Каква ќе биде состојбата идните денови ќе зависи од мерките на Владата, ќе се менуваат работите од ден во ден, но во менувачниците секако ќе има помалку работа“, изави сопственик на менувачница од Кавадарци. 

Владата прво одлучи да го затвори охридскиот, а потоа и скопскиот аеродром, како и сите гранични премини. 

И во регионот, земјите ги затвораат границите со цел да спречат ширење на Ковид 19. 

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров ги повика граѓаните да се воздржат од патувања. 

Во Македонија порасна бројот на заразени од Ковид 19, при што најголем дел од нив се од Дебар, град кој е во кризна состојба. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести