По забниот техничар и стоматолог заразен со смртоносна бактерија MRSA
Минатата недела јавноста дозна дека кај вработен на Универзитетскиот Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ во Скопје е регистрирана опасната бактерија МРСА, односно дека со истата е заразен забен техничар, денеска пак медиумите пишуваат дека по направените санитарни прегледи уште кај еден вработен е изолирана МРСА.
За плусинфо директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, д-р Ирина Сотирова Бухова кажала дека од 287 вработени на Универзитетскиот Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ во Скопје, позитивен микробиолошки наод во нос имаат вкупно 11 вработени и тоа кај 10мина е откриена бактеријата стафилококус ауреус, а само еден вработен е заразен со МРСА, исто така во носот.
Според кажаното, вработените веднаш се отстранети од работа.
MRSA или Метицилин резистентен стафилокок е бактерија Staphilococcus aureus која развила специфична отпорност на почеток на дејството на пеницилинот, а потоа и на делувањето на антибиотикот метицилин и слични антистафилококни лекови кои припаѓаат на групата бета-лактамази.
Оваа бактерија често се наоѓа на кожата и слузниците на човекот. Бактеријата кај здравите лица не предизвикува никакви симптоми и тие се само преносители на бактеријата. Бактеријата може да се пренесе преку физички контакт, преку кожата или пак преку кивање или близок контакт со преносителот.
Иако бактеријата кај здравите луѓе со јак имунитет не предизвикува болест, таа може да предизвика сериозни инфекции кај лицата со намален имунитет и со оштетена кожа или слузници. Доколку продре под кожата или во телото, може да предизвика сериозни заболувања како: гнојни инфекции на кожата, воспаление на дишните патишта, пневмонија. Од MRSA формата на стафилокок најчесто заболуваат лицата со ослабен имунитет, а такви лица најмогу ги има во болниците. Поради тоа, долго време се сметало дека MRSA е исклучиво болничка инфекција. Но, од оваа инфекција можат да заболат и лица кои не биле хоспитализирани.
