По Вејце, Петровска ќе испрати барање за спомен обележје и за Карпалак
Министерката Славјанка Петровска положи венец со свежо цвеќе за загинатите кај Карпалак и пред медиумите рече дека денеска до општина Желино ќе биде испратено барање за изградба на спомен обележје за загинатите бранители
На прашање за изградба на спомен обележје, министерката информираше дека уште денеска Министерството ќе испрати барање до општина Желино за подигнување на спомен обележје за загинатите бранители кај Карпалак.
„Овие луѓе го дадоа најскапоценото, својот живот, за нашата татковина и како министерка за одбрана сметам дека заслужуваат достојно спомен обележје со кое нема да ги вратиме назад, но ќе имаме место каде достојно ќе оддаваме почит. Денеска во текот на денот, во општина Желино, која е надлежна општина, како што направив и за Вејце, ќе испратам барање да биде дозволено тука да се изгради достоен споменик, а се разбира Министерството е подготвено тоа да го реализира“, рече министерката.
Припадници на Армијата кои во 2001 година го загубија својот живот кај месноста Карпалак на патот Скопје – Тетово беа Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
