По три месеци, се чека комплетирање на обдукцискиот извештај за починатото новороденче во Битола
За една недела ќе биде готов обдукцискиот извештај за смртта на новороденчето во битолската болница на родилката Викторија Крстеска кое почина на 9 април годинава. По три месеци, се очекува да биде позната причината за смртта, а за тоа одговор треба да даде одделот за Судска медицина при Клиничката болница Битола.
Ова го потврди првиот човек на Болницата, д-р Елизабета Ивановска која за „Независен“ вели дека извештајот е при крај и ќе биде предаден на Основното јавно обвинителство во текот на следната работна недела.
„Се изработува обдукцискиот извештај за смртта на новороденчето, при крај е со постапката и ќе биде готов кон средината на следната работна недела. Имаме еден патолог кој доскоро ја работеше обдукцијата за шестгодишното девојче како и тековните материјали. Извештајот ќе го пратиме до Основното јавно обвинителство Битола“, изјави д-р Ивановска.
Од овој извештај зависи дали понатаму ќе се побара од Институтот за судска медицина во Скопје да се произнесе за евентуална причинско-последична врска на лекарскиот третман со причините за смртта кај новороденчето.
Родилката Крстеска неодамна напиша на Фејсбук: „Со нетрпение чекам да видам што ќе се договорат за да напишат за смртта на моето бебе“.
