По трет пат Чаирска „романтика“ - Се репетира ли за ново славје?
По одлуката на Управниот суд за прифаќање на еден приговор на БЕСА ќе има прегласување на едно гласачко место во Чаир кое по бројот на гласачи може да влијае врз крајниот исход. Затоа Чаирчани, односно дел од нив по трет пат ќе имаат можност да гласаат за градоначалник.
ДУИ по победата во вториот круг на Висар Ганиу одржа голема прослава на плоштадот Скендер Бег во Скопје при што имаше силни истрели од оружје, а се пукаше и во непосредна близина на кандидатот како и високи функционери на ДУИ при што куршумите завршија во зградата над нив и предизвикаа голема паника. Од МВР посочија дека работат на расчитување на случајот и дека тие што го нарушија јавниот ред и мир нема да ја одбегнат правдата но, еве се уште нема никакви резултати.
Сепак, прославата колку и да беше голема ДУИ ќе мора да почека пред да ја осигура најважната скопска општина за партијата и да се помачи да ги убеди гласачите околу училиштето Лирија дека просветарот Ганиу навистина заслужува да биде градоначалник на Чаир. Од ДУИ не ја коментираат одлуката на судот туку само најавуваат нова уште поубедлива победа.
За БЕСА ова е знак на надеж дека може да направат пресврт и да убедат што е можно повеќе од 791 регистриран гласач на избирачкото место 2901 во Чаир да излезат во недела на гласање и да му донесат победа на Зеќирија Ибрагими кој во вториот круг остана поразен со разлика од 209 гласови.
Во извештајот на невладината МОСТ, која ги набљудува изборите, во вториот круг нотираше неправилности токму на гласачкото место 2901 каде едно лице гласало без претходно да биде проверено во избирачкиот список. По гласањето се увидело дека лицето е запишано во избирачкиот список на соседното место. Поради тоа гласањето било во прекин околу 20-ина минути.
Секако, најважно е повтореното гласање во недела да помине мирно, во регуларна и фер атмосфера со почитување на законските и демократските принципи, па потоа да се види конечниот победник за кој овој пат се надеваме дека нема да се слави со репетирање на оружјето.Х.С.
