ПO ТРАГЕДИЈАТА ВО СВЕТИНИКОЛСКО: Ги натерал ли некој работниците да влезат во септичка јама?
Чистењето на септичката јама било фатално за двајцата работници од свињарската фарма во светиниколско Амзабегово. Едниот работник почина, а другиот е во животозагрозувачка состојба на Клиниката за токсикологија во Скопје поради оштетувања на мозокот.
Локални медиуми тврдат дека тие се спуштиле во јамата со опасни гасови, но нема детали за тоа кој бил мотивот, односно дали имало инструкција од надреден во фармата.
„На самото место починал работникот О. Т. роден 1978 година, а второто лице, односно работник С. Ј. роден 1971 година е пренесен во комплекс клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје“, рече вчера портпаролот на СВР Штип, Гордана Панајотова.
Најавен беше увид екипи од трудов и санитарен инспекторат, Одделението за внатрешни работи (ОВР) Свети Николе и јавен обвинител. Телото на починатиот работник, по наредба на јавен обвинител, е предадено на обдукција.
Вториот работник, пак, според првичните медицински наоди кои за Телма ги споделиле од Клиниката за токсикологија, се здобил со оштетувања на мозокот, не препознавал никого, го загубил говорот и манифестирал неартикулирани движења. Потенцијалните мозочни оштетувања, како што велат оттаму, ќе се знаат по утрешната компјутерска томографија.
