ПО ТЕШКА БОРБА, ПАЦИЕНТКА Е УСПЕШНО ИЗВАДЕНА ОД РЕСПИРАТОР: 66-Годишна жена со најтешка форма на ковид храбро се бори со болеста
Пациентка
хоспитализирана во ГОБ „8 Септември“ по тешка борба со болеста, компликации
настанати по заразување со корона вирусот, пред три дена е успешно екстубирана
од респираторен апарат.
Директорот на болницата „8 Септември“ посочува дека ова е навистина убава вест, особено поради фактот што 66-годишната пациентка била примена во многу тешка состојба со сатурација 40.
-Откако беше донесена со најтешка форма на болеста предизвикана од ковид-19 пациентката веднаш беше ставена на респираторен апарат. Тука е секојдневна борба за животите на пациентите. Голем дел од моментално хоспитализираните, кои сега вкупно 100, се ставени на респиратори.

Медицинскиот кадар прави максимални напори сите да ја добијат потребната грижа, нега и терапија и заедно со пациентите кои оздравуваат се радуваат. Оваа пациентка конечно го надмина најтешкиот момент од развојот на болеста. Веќе цели три дена е без респираторниот апарат, користи само обична маска за кислород, целосно е свесна и контактибилна, изјави директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Христијан Костов.
Оваа здравствена установа од почетокот на епидемијата на корона вирусот во Македонија се уште е еден оа најголемите ковид-центри во кој се примаат пациенти од целата држава. По кусата пауза летово, откако ја вработените среќно ја испратија и последната пациентка која оздраве, по избувнувањето на четвртиот бран на вирусот, во ГОБ „8 Септември“ нагло се зголеми бројот на болни од ковид.
Анита Буховски
